врв Ѕена ( Little Tzena ) 2067м.

Изминативе меколку месеци поради ситуацијата со Ковид – 19, нашиот Клуб своите акции ги реализира на Кожуф планина, така викендов кој измина 5ти јули недела според календарот на активности на Клубот за месец јули зацртана ни беше акцијата за искачување на врвот Ѕена 2067м.
Врвот Ѕена со својата височина од 2067м. е еден од неколкуте врвови на Кожуф планина кои се над 2000м. и се наоѓа на делот од Кожуф кој спаѓа во грчка територија.

После неколку месеци, овој викенд конечно имавме можност да ја реализираме акцијата со организиран превоз комби, па така групата на планинари пријавени за оваа акција во неделата рано наутро уште во 5 часот тргнаа со превозот кон Кожуф планина и стартното место на оваа акција Аџибарица. По пристигнување на Аџибарица, основни припреми за акцијата запознавање на учесниците со патеката, она што ги очекува при искачување на овој врв и старт на акцијата. Се движиме полека но сигурно по патот кон Таблата и Марково Езеро, учесниците воодушевени од прекрасните пејсажи на Кожуф, се отвараат пред нас видици во кои се издигаат врвовите Чичи Каја, Двете Уши, Мала Рупа а во еден момент се надѕира и врвот кој денес е наша цел тоа е Ѕена, сите движејќи се по патот фотографираат а посебно оние кои прв пат се со нас на планинарење.
Пристигнуваме на Марково Езеро, овде како и секогаш кога сме на овој дел од Кожуф е место за пауза и собирање на сите учесници, од овде веќе навлегуваме во грчка територија па мораме да се движиме сите заедно, се спуштаме на широк грчки пат кој не води до под врвот Ѕена, а движејќи се по него поминуваме низ изворите со вода КОЧИНОВИ ВРИСИ.

По пристигнување под самиот врв следеше пауза и запознавање на учесниците со последната делница до врвот која е најтешка при искачување на овој врв, тоа се последните 2км од 1837м. се искачуваме нагло по срт до 2067м. и тоа поголем дел од сртот е со карпеста конфигурација, но полека со помагање на новите планинари кои се соочуваат прв пат со ваков терен од страна на поискусните планинари  сите се искачија на врвот. А на самиот врв погледот е извонреден, на левата страна ги гледаме врвовите Мала Рупа, Чичи Каја и дел од Зелен брег, додека долу под Ѕена како под нашите нозе се отвара грчкото поле, голема рамница со распространети неколку села Langadia ( Лугунци ), Periklia
( Борислав ), Enotia ( Ноти ), Aetohorion ( Тушин ), Arhangelos ( Ошин ), Evropos ( Фуштани ), Tiriopetra ( Трстеник ).
По направената пауза на врвот, следеше враќање назад по истата патека по која и се искачувавме, за искачувањето на овој врв  планинарите поминаа вкупно 19км со совладена висинска разлика од 840м. врвот Ѕена е еден од потешките врвови за искачување на Кожуф планина но затоа е и предизвик да се искачи овој врв кои некои го нарекуваат и врвот на џиновите.
Водич на оваа акција беше нашиот Претседател Ристо Каркалашев кој на самиот врв им ги додели членските книшки на три нови планинарки, и тоа Надја Димкова, Александра Петрушева и Надица Јосифовска а после подолга пауза од планинарењето во Клубот се врати и Насе Димков, со што нашиот Клуб ЗПСК КОЖУФ Гевгелија веќе ја достигнува бројката на членови од 120.

Акивностите на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија продолжуваат, па така следете не на нашата фацебоок страна и на нашиот веб сајт.
Уживајте во галеријата со фотографии од акција до врв Ѕена 2067м. на Кожуф планина.

Напишете коментар