Според календарот на активности на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија за изминатиов викенд 16ти август следеше 29тата планинарска акција од оваа година, оваа акција беше на Малешевските планини каде го искачувавме врвот Ченгино Кале 1760м.
Малешевските планини се средновисок планински дел во источниот дел од Р.Македонија, припаѓаат на грaмадните планини од Родопската маса. Се протегаат лачно во правец јз–си. Должината на главното било изнесува 32 км, а површина на планината е 315 км2. Билата се заоблени, без јасна определеност и издаденост на сртот, а највисоки врвови се Џами Тепе (1.801 м) и Ченгино Кале (1.748 м), кој што ја претставува најисточната точка на територијата на Република Македонија. Брегалница и Ратевска Река длабоко се всечени во старите палеозојски карпи — некаде речиси кањонски. Билата се голи, а планинските страни се покриени со букова и дабова шума.
Врвот Ченгино Кале 1760м. се смета за најисточна точка во Република Македонија, познато е како место од каде што извира реката Брегалница — втора река по големина во земјата.
Се издигнува на главното планинско било, на југоисток од врвот Погледец; на исток од него се одделува Моравски Рид, на југоисток е Каменички рид. Се наоѓа на 1.710 метри надморска височина. Врвот е заоблен. Северните делови се спуштаат стрмно кон долината на Стара Река, додека југоисточниот и јужниот дел се пониски. Источните делови на Ченгино Кале водат кон Добромирска река и Сливничка река. Почвата е планинско-ливадска. Билото има високопланинска тревна растителност, додека северните и јужните делови изобилуваат со букови и иглолисни дрвја.
Екипа на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија составена од 29 члена во неделата на 16ти август рано наутро со превоз се упати кон Пехчево каде не чекаше планинарот од овој град Марјан Митриновски кој воедно ни беше и водич на оваа акција, а од Пехчево продолживме со превозот до излетничкото место Рамна Река 1130м. од каде ни беше и стартната позиција кон врв Ченгино Кале. По кратки припреми планинарите ја стартуваа акцијата, патеката се движеше по широк шумски пат кој поминува покрај водопадите на Брегалница, втората по големина река во Македонија која овде извира, и води до старата караула од времето на ЈНА Ченгино Кале, караула која се наоѓа на височина од 1476м.
Планинарите овде на караулата направија поголема пауза, па го продолжија искачувањето кон врвот и за околу еден час искачување пристигнаа на самиот врв Ченгино Кале 1760м. На врвот како и секогаш одмор, фотографирање разгледување на околилината а нашиот водич Марјан ни објаснуваше за местата кои се гледат од самиот врв. На врвот временските услови почнуваа да се влошуваат па побрзавме назад да се спуштаме кон Рамна Река, и така заврши оваа наша планинарска акција на Малешевските планини и врвот Ченгино Кале со поминати 15,5км и соладена висинска разлика од 693м.