Викендов кој измина 19 и 20ти септември ЗПСК КОЖУФ Гевгелија ја реализираше својата 37ма акција од оваа година, според календарот на активности на нашиот Клуб за овој викенд беше предвидено дводневна планинарска акција на Шар Планина.
Подготовките започнаа десетина дена пред акцијата со организирање на превоз и ноќевање, па така на 19ти во саботата 25 члена екипа планинари членови на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија со превоз се упатија кон Попова Шапка. По пристигнување на планинарите на Шапка и смесување во Хотел Тетекс Арена, за да се искористи рационално времето планинарите решија да направат прошетка низ Попова Шапка и околината. Една група прошета околу Попова Шапка каде беше посетена и црквата Св.Наум Охридски, а другата група од Шапка се упати по планинарската патека кон Горна Лешница патека која е наречена Вргањ, а името патеката го добила бидејќи минува низ густи прашумски предели во кои има изобилство на печурки – вргањ и шумски плодови со што беше посетен и Планинарскиот Дом Јелак кој во конфликтот во 2001ва година беше запален. На оваа прошетка до Јелак и назад планинарите пропешачија 8км со совладена висинска разлика од 467м. и беше погодна прошетка за загревање пред утрешната предвидена акција на Кривошијските Кади.
Утрешниот ден недела во раните утрински часови групата со превоз се упати кон село Бозовце каде беше и стартната позиција за денешната акција, а овде ни се приклучи и нашата членка од Скопје Тања, по што ја започнавме акцијата. Акцијата ја стартувавме од пред самиот влез на село Бозовце а патеката не водеше низ тесните сокаци на селото, откако излеговме од селото наидовме на бетонски мост на реката Пена преку кој ја преминавме реката а потоа се појави и првиот водопад. Од овде се движиме по земјен пат низ густа шума, и за два ипол до три часа пристигнавме на нашата предвидена цел а тоа беа Кривошијските Кади кои се наоѓат на височина од 1570м. Кривошијските Кади претставуваат систем на огромни вдлабнатини во карпите кои наликуваат на кади низ кои паѓаат слапови вода од десеттици метри удолу. По присигнување на зацртаната денешна цел, планинарите направија одмор, а потоа следеше и разгледување на овие прекрасни природни убавини кои се наоѓат на реката Кривошија, оваа река е една од двете реки Кривошија и Лешничка река кои во месноста Долна Лешница се соединуваат и ја формират реката Пена.
Откако заврши одморот, планинарите се упатија по истата патека назад кон село Бозовце каде што ја завршија акцијата. Мораме да спомнеме дека на оваа наша планинарска акција учествуваа и седуммина наши млади членови, од кои најмлади беа Сара Јованова 12 години и Леонид Дуклевски со своите 8 години.
Акцијата ја завршивме со прекрасни впечатоци од раскошната природа на овој дел од Шар Планина, но и со едно големо разочарување од она што човекот ја уништува оваа природна убавина со сеча на шума и изградба на хидроцентрала во срцето на Долна Лешница каде ке бидат опфатени планинските реки во цевки а со тоа ке се уништи и животинскиот и растителен свет на Кривошијска и Лешничка река.
Оваа планинарска акција беше во целосна организација на нашиот Клуб ЗПСК КОЖУФ Гевгелија а водич на истата беше Претседателот на Клубот Ристо Каркалашев кој воедно е и лиценциран планинарски водич, планинарите на акцијата пропешачија вкупно 18.6км со совладена висинска разлика од 600м.
Уживајте во галеријата со прекрасни фотографии од нашата дводневна планинарска акција на Шар Планина каде беа посетени Јелак, Долна Лешница и Кривошијски Кади.