16ти Меморијал Димитар Кангов – Кангата 2020

Овој викенд кој измина 4ти октомври ЗПСК КОЖУФ Гевгелија ја реализираше својата 38ма акција, организирајќи го 16тиот по ред Меморијал Димитар Кангов – Кангата, овој меморијал нашиот Клуб го организира во чест на нашиот долгогодишен член Димитар Кангов – Кангата кој пред 17 години почина при обид да го искачи врвот Ѕена 2067м. од грчка страна. Кангов беше адвокат по професија и долгогодишен член на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија, во неговата планинарска кариера имаше искачено повеќе планини и планински врвови низ Македонија и Балканот, а има учествувано и во Алпската планинарска акција во искачување на Триглав Словенија и Гросглокнер Австрија.

Нашиот Клуб оваа година меморијалот го организира по 16ти пат со искачување на највисокиот врв на Кожуф планина врвот Зелен Брег 2166м. низ годините маршутата до целта врвот Зелен Брег на овој меморијал неколку пати е променета, со што првите години планинарите акцијата ја стартуваа од излетничкото место Смрдлива Вода преку Прди Коњ, Асан Чешма, Алчак и Марково Езеро пристигнувајќи на врвот, но се увиде дека оваа маршута е доста долга и тешка и не е за поголема група на планинари од сите возрасти, па следеа измени. Една година меморијалот се одржа во два дена со ноќевање на Асан Чешма во шатори, а откако се изгради патот до Ски Центарот Кожуф и се уништија планинарските патеки, меморијалот почнавме да го организираме од местото Алчак со што значајно ја скративме маршутата на движење, а со тоа придонесовме за поголема посетеност на Меморијалот со млади учесници и учесници од сите генерации. Па, така во 2018та година имавме рекорден број на учесници од 480 планинари и љубители на природата. Мораме да напоменеме дека нашиот Клуб во чест на Кангов има поставено и спомен плоча веднаш под самиот врв Зелен Брег каде секоја година за време на меморијалот се оддава почит на ликот и делото на нашиот сограѓанин и планинар Кангов.

Оваа година поради ситуацијата со КОВИД – 19 во државата, Клубот одлучи меморијалот да го организира само за своето членство и љубители на планината и рекреативци од нашата Општина како и соседните општини Богданци и Валандово. Така во неделата наутро во 7 часот од Гевгелија со превоз кон Кожуф планина и местото Алчак се упати група од 100тина планинари и наши сограѓани, каде по мали подготовки нашиот член Лазар Митров го означи стартот на маршот и ја водеше групата во отсуство на Претседателот на Клубот во својство на одговорен и водич на овогодинешниот меморијал.
Групата се движеше по патеката од Алчак преку Таблата до Марково Езеро каде се направи пауза за да се собере цела група и од Марково Езеро сите заедно се искачија на врвот Зелен Брег 2166м. На врвот  учесниците направија пауза, а потоа сите се собраа пред спомен плочата, каде се оддаде почит со едноминутно молчење и читање краток текст за ликот и делото на Кангов, а исто така беа доделени и благодарници за најстар и најмлади учесници на овогодинешниот меморијал. За најстар учесник на меморијалот беше прогласенa Нада Марјановиќ (73 години), а за најмлад учесник Филип Јованов (5 години), Леонид Дуклевски (8 год.) и Сара Јованова (12год.). Откако заврши и доделувањето на Благодарниците, учесниците се упатија назад по истата патека до Алчак од каде што утрото ја стартуваа акцијата, а потоа во нашиот Планинарски Дом Томе Шутов – Кротки во с.Конско сите учесници беа послужени со планинарско гравче кое го организираше Клубот. Со што заврши овој 16ти меморијал со надеж дека следната година ќе можеме да го организираме без никакви препреки и постоење на пандемија како што е случај оваа година и на највисокиот врв на Кожуф планина да се собереме во што поголем број планинари, љубители на природата и рекреативци од секој дел од нашата држава и надвор од неа.

Провери

5-ти Меморијален Марш “Георге Петков” *

Недела, 21.05.2023 година, живописниот Кожуф иако дожделив и ветровит , ни овозможи да го реализираме …

Напишете коментар