Ерџијес Даг 3917м. Турција

Оваа година поради ситуацијата со КОВИД – 19 сите планинарски акции на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија кои беа предвидени за надвор од државата беа одложени поради затворените граници и воведените протоколи за влез во друга држава. Сепак во оваа ситуација се отвори можност за реализација на планинарски акции во Турција каде не беа потребни Корона тестови за влез, па така неколку Планинарски Клубови организираа акции на Арарат, а ПСК Балкан Белград организираше акција за искачување на врвот Ерџијес Даг 3917м. врв кој се наоѓа на планината Ерџијес.
Планината Ерџијес со својот највисок врв Ерџијес Даг 3917м. е  планина која спаѓа во категоријата на вулкански планини и претставува голем стратовулкан кој е опкружен со многу моногенетски вулкански полиња и лавини куполи, најблизок град до планината Ерџијес е Кајзери кој се наоѓа на 25км.

Така на 2ри октомври групата планинари од Србија тргнаа од Белград а во Ниш беа пречекани од Македонската екипа која броеше седуммина планинари од Прилеп Елена Мирческа и Мартина Николоска ( Fitness studio Lady – Fit ), Иван Атанасоски и Влатко Спиркоски ( Е.П.Д. Картуш ), Битола Валентин Митровски и Дејан Лазаревски ( П.Е.Г. Турни ме да кинисам ) а нашиот Клуб ЗПСК КОЖУФ Гевгелија како и нашиот град во оваа планинарска акција го претставуваше нашиот Претседател Ристо Каркалашев. Откако двете групи се соединија во Ниш со заеднички превоз се упатија кон Турција и Истамбул каде им беше првиот ден за одмор а потоа продолжија кон Кападокија и градот Гореме, град во кој планинарската екипа претстојуваше следните неколку денови.

Во наредните неколку денови пред искачувањето на врвот Ерџијес Даг планинарите имаа две трекинг акции, првата трекинг акција беше на 5ти октомври каде што акцијата ја стартуваа од градот Гореме па низ Göreme National Park and the Rock Sites of Cappadocia направија кружна тура со што поминаа 16км со совладена висинска разлика од 362м.Следниот ден на 6ти октомври следеше и втората трекинг тура во Ihlara Valley тоа е кањон во должина од 15км а екипата планинари акцијата ја стартуваваа од Belisirma и ја завршија во Ihlara со поминати 6.5км и висинска разлика од 141м. По овие две трекинг акции дојде денот и за искачување на Ерџијес Даг, искачувањето на Ерџијес беше предвидено за 7ми октомври но поради неповолната временска прогноза од силен ветер, искачувањето беше одложено за наредниот ден 8ми октомври.

На 8ми по полноќ во 12-30 часот тргнавме од Гореме со превозот кон Ски центарот Ерџијес и во 2-45 часот 26 планинари ја стартувавме акцијата за искачување на врвот Ерџијес Даг 3917м. Се движевме ноќе со челни ламби, напред водичот Миланка Арсиќ а сите други во една колона позади неа, освен Миланка имаше уште два водича Весна Џоковиќ и Горан Николовски кои помагаа за време на акцијата. Кога почнаа да излегуваат првите сончеви зраци ние веќе бевме на височина од 3000м. овде го дочевме изгрејсонцето а тоа беше погоден момент за да направиме неколку фотографии, искачувањето беше по стрмна патека прекриена со камен кој ни го отежнуваше движењето но полека со паузи, сигурно чекоревме кон врвот. Кога се искачивме на 3700м. и наидовме на првата техничка пречка а тоа беше огромна стена на патеката која требаше да се премине, одлука на водичот Миланка беше овде да го прекинат искачувањето нашиот претставник Ристо Каркалашев и уште две планинарки, а тоа беше договорено претходниот ден на последниот состанок пред поаѓање и одлуката на водичот беше испочитувана. Тоа беше 200м. под самиот врв но и најтешкиот и најризичен дел од оваа искачување, за овие 200м. на останатите планинари за да го искачат врвот и да се вратат на 3700м. им беа потребни 4 часа, по искачување на врвот и враќање на 3700м. сите заедно слеговме долу околу 17 часот од каде што ја стартувавме акцијата, со што целата акција траше околу 14 часа со поминати 24км и совладена висинска разлика од над 1900м.
По завршување на акцијата водичот Миланка нагласи дека оваа искачување на Ерџијес Даг во планинарството по тежина се рачуна како искачен врв на Алпите над 4000м. со што успехот е голем на сите учесници без разлика што некои останаа на 3700м., со тоа успешно ја завршивме оваа планинарска акција во Турција, раскажува нашиот учесник на оваа акција Ристо Каркалашев.

Фотографии од трекинг турата низ Göreme National Park and the Rock Sites of Cappadocia .

Фотографии од трекинг турата по Ihlara Valley.

Фотографии од искачувањето на врвот Ерџијес Даг 3917м.

Провери

5-ти Меморијален Марш “Георге Петков” *

Недела, 21.05.2023 година, живописниот Кожуф иако дожделив и ветровит , ни овозможи да го реализираме …

Напишете коментар