врв Дудица 2145м. Кожуф

Како што знаете и претходно имаме ве информирано оваа година поради ситуацијата со Ковид – 19 ЗПСК КОЖУФ Гевгелија своите активности ги реализира само на Кожуф планина и околинта на нашата општина. Така изминативе викенди реализиравме неколку акции на Кожуф, со 23 члена екипа се искачи врвот Момина Чука 1851м. потоа следеше акција со 10 члена екипа од кои тројца наши членови а останатите беа наши сограѓани љубители на природата како и гости од Битола и Неготино, каде ги искачија врвовите на Кожуф, Мала Рупа 2004м и К92 2112м. четвртата акција на Кожуф планина во месец октомври планинарите ја стартуваа од Асан Чешма преку Белантрок, чешма Фуци и Мрша до Круша и од неа враќање на Асан Чешма по стандардната патека, на оваа акција учествуваа 14 членови на нашиот Клуб со што пропешачија 18.5км. Нашите членови од Валандово реализираа работна акција на Беласица за уредување на просторијата која ни е доделена во поранешната караула Беласица, со овие неколку планинарски и една работна акција го завршивме успешно месец октомври.

Ноември го започнавме од самиот старт, 1ви ноември се реализира акција за искачување на врв Дудица 2145м. оваа акција отсекогаш е посебна приказна, за оние кои сакаат авантура Дудица е незаменлива авантура, врвот Дудица кој е висок 2145м. припаѓа длабоко во кавадаречкиот дел на Кожуф планина и за да се искачи овој врв од наша страна е доста тешко со долга километража и голема висинска разлика за совладување.
Дудица беше предизвик за сите наши членови, така на 1ви ноември во раните утрински часови 20 члена екипа на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија со превоз се упатија кон Кожуф планина, поради тоа што знаеме дека за да се искачи врвот Дудица со старт од Аџибарица и да се вратиме назад е 29км и ни е потребно доста временски период, а во ноември месец денот е мал ние решивме со џипови на нашите членови да се префрлиме до местото Марково Езеро кое се наоѓа на височина од 2030м. и од овде да ја стартуваме акцијата. Кога пристигнавме на Марково Езеро временските услови беа лоши, магла, ветер и ниски температури, акцијата од овде ја стартувавме во 8 часот со што се упативме кон караула Порта која се наоѓа на височина од 1862м. Овде ја направивме првата пауза а потоа се искачивме на седлото Порта кое се наоѓа на 2000м. кога се искачивме на седлото маглата почна да се крева и наеднаш се отвори прекрасен поглед на кавадаречкиот дел од Кожуф планина како и врвот Дудица кој е маркантен со својот изглед. Од седлото Порта почнавма да се спуштаме кон караула Шаренка која се наоѓа на височина од 1873м. се движиме по патеката која своевремено ја користела војската кога караулите биле во функција, оваа патека минува во близина на граничната линија со Грција, па така движејќи се по неа од страната на грчкиот дел се отвара прекрасна панорама со голем видик пред нас а долу во рамнината се гледаат грчките села Enotia ( Ноти ), Aetohorion ( Тушин ), Evropos ( Фуштани ), Tiriopetra ( Трстеник ), Pefkoton ( Сборско ) и уште неколку во далечината.

Кога пристигнавме на караулата Шаренка направивме поголема пауза бидејќи следеше финишот за искачување на врвот Дудица кој е по доста стрмен терен, од караула Шаренка за да почните со искачување на Дудица прво следува спуштање на Капетанова чешма која се наоѓа во подножјето на Дудица и од неа следува искачување кон врвот. Планинарите на врвот пристигнаа во 13 – 30 часот каде следеше одмор, фотографирање за спомен, а оние постарите планинари по планинарски стаж кои веќе неколку пати имаат го искачувано овој врв им ги покажаа соседните врвови кои се во близина на Дудица а тоа се Калогерос и Корфоила. По паузата на врвот се упативме со спуштање кон Капетанова чешма и караула Шаренка, кога пристигнавме на караула Шаренка го дочекавме зајдисонцето а со тоа почна да се намалува и температурата па запаливме мал оган на караула Шаренка за да се затоплиме и да собериме сили за враќање назад на Марково Езеро, кое не беше ни малку лесно поради тоа што не очекуваа две добри искачувања. Кога тргнавме од караула Шаренка движејќи се по патеката наеднаш падна мрак па ставивме челни ламби и добри 3 часа планинаревме ноќе, ова беше едно ново искуство за нашите нови планинари, планинарење ноќе. На Марково Езеро пристигнавме во 20 часот со што за 12 часа со се паузи поминавме 21.7км со совладена висинска разлика од 1090м. И така успешно ја завршивме оваа наша планинарска авантура можеби една од најтешките акции кои ги реализиравме оваа година, на оваа акција водичи беа Ристо Каркалашев и Саше Динев кои веќе неколку пати им е помината оваа патека до Дудица.

Провери

5-ти Меморијален Марш “Георге Петков” *

Недела, 21.05.2023 година, живописниот Кожуф иако дожделив и ветровит , ни овозможи да го реализираме …

Напишете коментар