Втор викенд по ред ЗПСК КОЖУФ Гевгелија со работна акција за маркирање на планинарска патека на Кожуф планина, овој викенд кој измина решивме да маркираме патека во село Ума.
Селото Ума или како што некои ја викат Хума, се наоѓа во областа Влахомеглен на падините од Кожуф планина во западниот дел на Општина Гевгелија, селото е планинско сместено на височина од 850м. а одалечен е од Гевгелија 20км.
Во XIX век селото е христијанско влашко село во рамките на Гевгелиската каза на Отоманското царство, селото било со околу 500 власи а денес тоа е практично иселено и функционира како викенд населба.
Во с.Ума има неколку планинарски патеки од кои дел се маркирани, а дел треба да се средат и маркират со планинарски знаци за да можат љубителите на природата безбедно да прошетаат во околината на Ума. Ние како Клуб за овој викенд недела 22ри ноември решивме да реализираме работна акција за обнова на маркацијата на патеката од селото до местото Дупен Камен која истата е маркирана од страна на нашиот клуб во април 2011г. но после толку години бојата е избледена , тешко се познава а има и на неколку места оштетени маркации. Бевме известени од наши сограѓани кои престојуваат во Ума дека оваа патека е доста обраснета и тешко се доаѓа до самиот Дупен Камен, па поради тоа решивме истовремено и да ја исчистиме истата.
Така групата планинари кои на оваа акција беа 26мина на стартот од селото се поделија во неколку групи при што првите групи ја чистеа патеката а додека другите групи ја обновуваа маркацијата, патеката стартува од сред село или поточно од пред селската продавница на надморска височина од 838м. па поминува покрај караулата во селото со што го напушта селото и продолжува по тесно патче низ дабова и ниско стеблеста шума, на околу 1км од селото патчето се прекинува и движењето до местото Дупен Камен е по патека. Оваа патека од старот до целта Дупен Камен или како што го нарекува населението по влашки РАПА ПРУВАЛИЈА ( Дупен Камен ) е во должина од 3км во еден правец а самиот камен се наоѓа на височина од 800м.
Планинарите движејки се полека со чистење и маркирање на патеката пристигнаа на каменот за еден час, овде на самиот камен се направи пауза неколку фотографии за спомен, а потоа по истата патека се вратија назад во селото каде што група наши сограѓани во селската продавница имаа организирано ручек за планинарите.
И така успешно ја завршивме и оваа работна акција во с.Ума со што патеката до Дупен Камен е целосно исчистена и е обновена маркацијата, за реализација на оваа акција мораме да им се заблагодариме на нашите спонзори кои ни обезбедија боја а тоа се Ролопласт Алдузо Гевгелија и Интер Комерц БАУ Маркет Гевгелија, благодарност и до групата наши сограѓани кои не пречекаа во селото а воедно и ни приготвија ручек, со што им дадовме ветување дека наскоро ке маркираме уште неколку патеки во околината на селото.
Следна работна акција на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија за маркирање на планинарска патека на Кожуф планина доколку дозволат временските услови ке се одржи првиот викенд од месец декември, и тоа повторно во с.Серменин, а ке се маркира патеката с.Серменин – чешма Нирла – Манчева Пресека со што воедно ке се постават и патокази на истата.
Погледнете ја галеријата со фотографии од акцијата за чистење на патеката и обнова на маркацијата во с.Ума.