Сонцето претставува главен извор на светлина и загревање на Земјата. Сончевите зраци што достигнуваат до Земјината површина најпрво го загреваат копното и водите. Степенот на загреаност на Земјината површина зависи од повеќе фактори и тоа: Од аголот под кој паѓаат сончевите зраци во текот на денот и годината, надморската височина на земјиштето, наклонот, експозицијата на теренот, облачноста и др. Сепак, најголемо значење претставува експозицијата на теренот, односно која страна од земјиштето е насочено кон Сонцето. Па така, разликуваме осојна и присојна страна. Тука доаѓаме до главното прашање, која е нивната разлика?

Присојна страна претставува она земјиште кое има пред се јужна, а потоа југоисточна и југозападна експозиција на теренот и во текот на поголемиот дел од денот и годината е под постојана сончева осветленост, додека осојна страна претставува она земјиште кое има северна, североисточна и северозападна експозиција на теренот. Воедно, во текот на поголемиот дел од денот и годината е под постојана сенка, односно нема значително сончево осветлување. Тоа значи дека присојните страни имаат подолготрајна инсолација од осојните страни. Имено, тие се потопли, посуви и на нив се застапени различни растителни видови.
Во природата, лесно може да се одреди која е присојна и осојна страна. Така на пример, мравјалниците обично се наоѓаат на јужната (присојна) експозиција на теренот. Истовремено, снегот побрзо се топи јужните (присојни) експозиции, а поспоро на северните (осојни) експозиции, бидејќи истите се повеќе осончени, што придонесува за подолготрајно и побрзо затоплување на површината на почвата.
Тревната вегетација во пролетниот период е значително поразвиена на јужните (присојни) експозиции на земјиштето, додека тревната вегетација во летниот и есенскиот период е посвежа и позелена од северната осојна страна, бидејќи како позасенчена експозоција, влагата во почвата не испарува интензивно. Одредени видови дрвенести растенија растат воообичаено на присојните страни како што се дабот, јаворот, тополота итн., додека останати дрвенести растенија егзистираат на северните осојни експозиции, како буката, борот, елата, смреката, како и најголемиот дел од иглолисната вегетација. Интересен факт е тоа што изворите, потоците и помалите реки се повеќе полноводни на осојните експозиции, бидејќи влагата подолготрајно се задржува на засенчените простори. Од друга страна, пак, најголемиот дел од лозовите насади, овоштарниците, пчеларниците, како и останатите земјоделски култури, се насадуваат на присојните осветлени страни. Карактеристично за присојните страни претставува тоа што најголем дел од населените места се изградени на осветлените страни, бидејќи куќите во зимскиот период се повеќе под сончево зрачење и се штеди на затоплување. Во населените места, во зимскиот период, лесно може да се одредат осојните и присојните страни, само врз основа на снегот на покривот на домот, бидејќи на присојните целодневни осветлени страни, снегот е стопен, за разлика од засенчените осојни страни на покривот на домот. Исто така, на осојните страни на улицата, снегот е застапен на коловозот и на тротоарот, додека на присојната страна од тротоарот, снегот е стопен. Соларните електрични инсталации во домовите и соларните електрани се монитираат на јужните експозиции на теренот, бидејќи истите се постојано осветелни од страна на Сонцето.
Вреди да се напомене, дека познавањето на осојната и присојната страна овозможува полесно ориентирање во просторот покрај познавањето на положбата на Сонцето и останатите објекти, природни знаци и ориентири во просторот.
Извори:
- onrender.com/prisojna-i-osojna-strana.html
- mk/opsta-orientacija/
- blogspot.com/2015/02/blog-post_24.html
- sio.si/nit4/1366/index3.html
Изработил: Арсе Кузманоски, Институт за географија