врв Мусала 2925м. Рила Бугарија

Нашиот Клуб ЗПСК КОЖУФ Гевгелија секоја година организираше по неколку планинарски акции надвор од државата, но еве веќе две ипол години откако се појави пандемијата со Ковид – 19 и воведувањето на мерките за патување ние немавме можност да организираме акции од интернационален карактер. По ублажување на мерките оваа лето решивме да ја организираме првата интернационална акција, а како прва акција после две ипол години одбравме да биде искачување на највисокиот  врв на Балканот а тоа е врвот Мусала 2925м. кој се наоѓа на планината Рила во Бугарија. 

‘Мусала“ е највисокиот врв во Република Бугарија и на Балканскиот Полуостров, со висина од 2.925 м. измерено од пристаништето во Варна. Се наоѓа на планината Рила во близина на зимскиот центар Боровец, и на 80 км од Софија. Според некои пишувања, името му произлегува од „Мус Алах“, или „место за молитва“, „врв за молитва“, и името е дадено за време на турското ропство. Во периодот 1949-1962, врвот се нарекувал „Сталин“ по името на советскиот диктатор Јосиф Сталин. Преку летото го посетуваат многу туристи од светот, но најмногу од планинари од Бугарија и соседните земји. Средната годишна температура изнесува -2,9оС, апсолутната минимална -31,2оС, апсолутната максимална 18,7оС. Во просек 254 денови во годината врвот Мусала е покриен со снег. Преовладуваат северозападни ветрови. Најлесниот начин за искачување на врвот Мусала е патеката од скијачкиот центар Боровец, 10км во една насока. Има лифт, кој води до месноста Јастребец на висина од 2.363 м.
Оттаму може да се стигне пеш до Хижа (планинарски дом) Мусала ( за околу 1 час пешачење ), а потоа до самиот врв Мусала ( околу 2 часа пешачење ), оваа е стандардна патека за искачување на овој врв а ја одбравме и ние за нашето искачување. 

Поради големата пауза направена заради пандемијата, интересот за оваа акција беше преголем се собравме дури 53 планинари од кои 38 планинари членови на нашиот Клуб ЗПСК КОЖУФ Гевгелија. Акцијата ја започнавме на 14ти август сабота со поаѓање од Гевгелија во 7-00ч. Попатно направивме пауза во Петрич а потоа дирекно во зимскиот центар Боровец каде се сместивме во хотел. Имавме информации дека овој период од годината е најпосетуван и најискачуван врвот Мусала и дека за викенд има до 1000 посетители па се ствара голема гужва пред жичарата за вадење карти, поради тоа нашиот водич на оваа акција Ристо Каркалашев со помошниците водичи кои беа тројца и тоа Димитар Ристов, Саше Динев и Андреј Тодов се потрудија да обезбедат карти за жичарата уште во саботата, и така во неделата наутро бевме први пред влезните врати на жичарата и со првите гондоли се искачивме до стартната позиција за искачување на врвот Мусала а тоа беше Јастребец 2363м.

Од овде ја стартувавме акцијата и првата пауза ја направивме на Планинарскиот Дом Мусала кој се наоѓа на височина од 2389м. и е сместен на Седмото Мусаленско Езеро, овде беше почекана целата група да се собере и по направената пауза се продолжи кон заслон Леденото Езеро кој се наоѓа под самиот врв Мусала, од Планинарскиот Дом Мусала планинарите продолжија по зимската патека а потоа се приклучија на летната патека и за некаде час ипол пристигнаа на Леденото Езеро каде повторно се направи пауза. Овде водичот ја подели групата на два дела, една група го искачуваше врвот по летната патека, додека другата група го искачи врвот по зимната патека по која има и сајла за придржување, и за неполни четири часа од стартот на акцијата сите 51 од 52 ( една планинарка остана на заслон Леденото Езеро ) кои тргнаа на акцијата беа искачени на врвот на покривот на Балканот.
На самиот врв не дочека редица од планинари кои чекаат да се фотографираат на обележјето кое го означува врвот, овде не пречека и нашиот член од Софија Мирослав кој преходно беше договорен со нашиот Претседател да се најдеме на врвот, по направената пауза на врвот и фотографирање групата тргна назад по истата патека со што акцијата успешно се заврши таму каде што ја започнавме во Боровец.

Нашиот Клуб ЗПСК КОЖУФ Гевгелија има намера овој период да организира уште неколку планинарски акции надвор од државата па се надеваме дека ке ги реализираме.

Провери

Триесетти Традиционален Марш Димитар Илиевски-Мурато 2022

По две години пауза поради пандемијата со Ковид 19 годинава ЗПСК Пелистер Битола повторно го …

Напишете коментар