врв Кајмакчалан 2521м.

Викендот кој измина 19ти септември ЗПСК КОЖУФ Гевгелија ја реализираше 47мата планинарска акција за овие неполни 9 месеци од годината, и овој викенд втор викенд по ред реализиравме акција во Грција. Изминатиот викенд бевме на планината Пајак а овој викенд на планината Ниџе, каде го искачувавме нејзиниот највисок врв Кајмакчалан 2521м. а освен Кајмакчалан ги искачивме и врвовите Манастириште 2410м. и Кучубеи 2448м.
Планината Ниџе е типична јужна планина во Република С.Македонија преку која води границата со Грција, највисок нејзин врв е Кајмакчалан 2521м. но доста се истакнува и истоимениот врв Ниџе со својата височина од 2361м. Планината Ниџе е позната и по тоа што на нејзиниот срт на кој денес е распослана границата помеѓу С.Македонија и Грција а за време на првата светска војна овој дел бил познат како Македонски или Солунски фронт. Ниџе по својата височина е петтата планина во нашата држава.

Екипата која учествуваше на оваа акција беше составена од 23 члена кои рано наутро уште во 5 часот со комби и една кола се упатија од Гевгелија кон Ски Центар Ворас – Кајмакчалан во Грција. По пристигнувањето на стартната позиција а тоа беше Ски Центар Ворас следеа мали подготовки на планинарите, со што и стартуваше акцијата, од Ски Ценарот најпрво се упативме кон искачување на највисокиот врв на планината Ниџе, врвот Кајмакчалан 2521м.
За време на првата светска војна на Кајмакчалан се воделе тешки борби меѓу бугарската армија од една страна и српската и француската армија од друга страна како дел од Македонскиот фронт, притоа само во периодот од 12 до 30 сепември 1916г. во жестоките борби на врвот загинале над 4600 војници на српската војска. Па во спомен на овој настан, на самиот врв Кајмакчалан е направена црквата Св.Илија на која се наоѓа посвета напишана од кралот Александар 1ви Караѓорѓевиќ, а до пред некое време во внатрешниот дел од црквата во посебна урна се наоѓало срцето на швајцарскиот форензичар, публицист и професор Арчибалд Рајс.
Искачувањето до овој врв од оваа страна од каде ние го искачувавме се искачува по лесна патека, но овој пат временските прилики не беа наклонети кон нашите планинари и врвот беше искачен во присуство на силен ветар. Откако пристигнаа сите планинари на врвот следеше пауза, фотографирање за спомен како и разгледување на историските знаменитости кои се наоѓат овде на врвот а тоа се како што напоменавме претходно црквата Св.Илија и една гробница која се наоѓа под земјата.

врв Кајмакчалан 2521м.

Откако завршивме со Кајмакчалан, продолживме кон соседниот врв и за еден час искачување по силниот ветар пристигнавме на врвот Манастириште 2410м. каде повтторно следеше пауза и фоттографирање, а потоа продолживме кон врвот Кучубеи кој се наоѓа на височина од 2448м. Од врвот Кучубеи требаше да се упатиме кон врвот Σκληρή Πέτρα 2150м. но поради силниот ветар кој преку цел ден ги следеше планинарите со што придонесе за дополнителен умор кај нив, беше донесена одлука да го оставиме овој врв за некоја следна прилика и по седум ипол часа акцијата ја завршивме со спуштање на местото Турска Ливада со поминати 15км и совладена висинска разлика од 887м.
По успешното завршување на акцијата иако не го искачивме врвот Σκληρή Πέτρα 2150м. сите учесници беа задоволни од оваа акција со што падна одлука следната година да дојдеме повторно овде на планината Ниџе и да го искачиме врвот Σκληρή Πέτρα 2150м. како и врвот Άσπρος Σβώλος 2370м. од овде се упативме во Воден ( Edessa ) каде нашите планинари имаа заслужен одмор.

Погледнете ја галеријата со фотографии од оваа наша планинарска акција во Грција на планината Ниџе која беше во целосна организација на нашиот Клуб ЗПСК КОЖУФ Гевгелија .

Провери

Триесетти Традиционален Марш Димитар Илиевски-Мурато 2022

По две години пауза поради пандемијата со Ковид 19 годинава ЗПСК Пелистер Битола повторно го …

Напишете коментар