Престојот во шума и во планински региони докажано ги зголемува физичката и менталната благосостојба. Познато е дека височината носи здравствени придобивки, а зачудувачката глетка помага при донесување одлуки и креативност.
Затоа со планинарење треба да се започне од рани години, а поради тоа ЗПСК КОЖУФ Гевгелија во 2019та година започна проект на планинарски акции на Кожуф планина каде нашите најмлади од Општината со своите родители или најблиски ке планинарат, но овие акции беа прекинати поради пандeмијата и после подолга пауза во јули месец ја организиравме првата планинарската акција Родители и Деца на Кожуф планина за оваа година. При реализацијата на првата акција во јули, видовме дека интересот за овој тип на акции е голем па решивме секој месец да организираме по една акција, втората акција беше предвидена за месец август но поради забраната за престој во шума моравме да ја одложиме, и еве сега септември месец успешно ја реализиравме одложената акција.
Оваа втора акција ја реализиравме изминатиов викенд на 26ти септември недела каде се собравме 56 учесници и со превоз организиран од нашиот Клуб и во целост платен за сите деца кои учествува, од Гевгелија се упативме кон Кожуф планина или поточно до местото за старт на акцијата а тоа беше за оваа акција Аџибарица. За оваа акција знаејќи дека носиме деца и родители беше предвидено пешачење до 10км, па така одбравме патека околу Ски Центарот Кожуф. По малите подготовки кај стартното место Аџибарица, водичите на оваа акција нашите млади членки Надја Димкова и Ивана Глигорова им објаснија на присутните зошто се организират овие акции, како и благодетите од нив а потоа ја стартувавме и акцијата. Патеката се движеше по широк шумски пат низ борова шума и од 1695м. слеговме до еден од изворите на река Дошница кој се наоѓа на височина од 1470м. каде следеше првата пауза а потоа се искачивме до Ски Центарот на 1587м. каде беше паузата за ручек. Овде за секој учесник од страна на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија им беше обезбедено лебче и мали тегленца пинџур од нашиот спонзор Випро Гевгелија, а откако заврши паузата продолживме со пешачење по патот кон Аџибарица со што направивме кружна патека во должина од 9,6км и совладена висинска разлика од 320м. и се покажа како идеална патека за овој тип на акции рачунајќи дека на акцијата имаше деца од 5 годишна возраст па нагоре. По завршување на акцијата сите учесници се упатија во нашиот Планинарски Дом Томе Шутов – Кротки кој се наоѓа во село Конско каде децата продолжија да се дружат а воедно беа и почастени од нашиот Клуб со сокчиња за успешната акција.
Овој тип на акции ке продолжи и следниот месец октомври доколку дозволат временските услови.
Погледнете ја галеријата со фотографии од оваа акција.