И оваа година ЗПСК КОЖУФ Гевгелија го организираше меморијалот Димитар Кангов – Кангата, овој меморијал годинава го организиравме по 17ти пат традиционално со искачување на највисокиот врв на Кожуф планина врвот Зелен Брег 2166м.
Врвот Зелен Брег 2166м. е највисок врв на планината Кожуф. Се наоѓа во средишниот дел на планината, Зелен Брег е заоблен, лесно пристапен и покриен со високопланински пасишта. А од самиот врв се протега одличен и восхитувачки панорамски видик кон острите ограноци на Кожуф и кон Солунското Поле.
Меморијалот го организираме во чест на нашиот долгогодишен член Димитар Кангов – Кангата кој ненадејно почина при искачување на врвот Ѕена од грчка страна на Кожуф планина.
Годинава меморијалот се одржа на 3ти октомври недела, прво планинарите се собраа во Гевгелија па со организиран и сопствен превоз се упатија кон стартната позиција на маршот местото Алчак. Овде се собраа планинари од повеќе Планинарски Друштва/Клубови од државата како ПЕГ Турни ме да кинисам Битола, ЗПАББ Ристо Картуш Прилеп, Fitness studio Lady – Fit Прилеп, ПСПК 7ми Мај Прилеп, ПСД Фри Хикерс Неготино, ЗПК Серта Неготино, КПС Москито Кочани, ПСК Осогово Кочани, КПС Азот Велес а овде беа и нашите верни учесници на овој меморијал учениците од ООУ Климент Охридски – Миравци кои оваа година беа 32 на број. Така сите заедно планинари и ученици се собравме вкупно 215 па ја стартувавме акцијата, на самиот старт на учесниците за добредојде беа почастени со енергетски барчиња и тегленца гевгелиски пинџур обезбедени од организаторот на меморијалот ЗПСК КОЖУФ Гевгелија и спонзорот ДООЕЛ Випро Гевгелија.
Од Алчак преку Таблата учесниците пристигнаа на Марково Езеро каде следеше пауза а потоа по паузата продолжија со искачување на завршните метри до самиот врв. Бидејќи временските услови беа идеални со сонце, еден дел од планинарите останаа на самиот врв Зелен Брег да уживаат во сончевите зраци и прекрасните глетки на Кожуф планина, додека другиот дел отидоа и до соседниот врв Зелен Бег 2182м. кој се наоѓа во грчка територија а грците го викаат Tzena peak.
По паузата на врвот и посетата на Зелен Бег учесниците беа послужени на самиот врв со локум обезбеден од сопругата на Димитар Кангов, Васка а потоа беше прочитан мал текст за ликот и делото на Димитар Кангов – Кангата од страна на нашиот член Никола Малевски, а потоа Претседателот на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија Ристо Каркалашев ги додели Благодарниците на Планинарските Друштва/Клубови кои учествуваа на меморијалот, беа доделени и Пофалници за најмладите учесници како и за највозрасен учесник на меморијалот. На годинешниот меморијал најмлади учесници беа нашите членови Благоја Љатев ( 4 ), Филип Јованов ( 6 ), Лара Џишева ( 9 ) Хана Малевска ( 9 ), и од КПС Азот Велес, Ива Босилкова ( 5 ), Димитар Дуков ( 7 ), Дамјан Стојановски ( 8 ) и Маттео Ѓоргиев ( 10 ), а за највозрасен учесник на годинешниот меморијал беше прогласена нашата членка Нада Марјановиќ ( 74 ).
По доделување на Благодарниците и Пофалниците, учесниците се упатија назад по истата патека до Алчак каде се заврши акцијата и годинешниот меморијал.