Како последна акција за оваа година од меѓународен карактер, решивме тоа да биде акција во Бугарија на планината Витоша. Планината Витоша е планина во западна Бугарија, највисока точка на Витоша е врвот Црни Врв 2290м. поради тоа Витоша е четвртата планина по височина во Бугарија после Рила, Пирин и Стара планина.
Витоша се наоѓа помеѓу Стара планина и Рило – Родопскиот масив и е дел од средногорието.
За оваа акција беше формирана екипа од 20 члена на нашиот Клуб, кои во саботата на 27ми ноември во 7 часот тргнаа од Гевгелија кон Софија Бугарија, а попатно беа собрани и нашите членови од Валандово и Струмица со што се формираше целата екипа. Откако беше помината Македонско – Бугарската граница, првата пауза беше направена во Петрич а потоа пред да се искачиме на Витоша имавме пауза и во Софија, па така во тенкиот мрак пристигнавме во Хижата (планинарски дом ) Борова Гора каде имавме резервација за ноќевање. Откако планинарите се сместија во хижата, следеше мала забава кои сами си ја организираа како и секогаш, а веселата атмосвера им годеше и на нашите домаќини, домарите Валеријан и Темјанушка.
Следното утро пристигна нашиот пријател од Софија, Мирослав кој воедно е и член на нашиот Клуб а ни беше и водич на оваа акција, па заедно во 8 часот по локално време ја стартувавме акцијата од хижа Борова Гора преку хижа Кумата и Коњарникот се искачи највисокиот врв на Витоша врвот Црн врв 2290м. Временските услови беа лоши, искачувањето се одвиваше по магла и силен ветар а од под врвот до самиот врв имаше и снег, инаку за оние кои не се запозанаени да спомнеме дека Црн врв е втор нај-ветровит врв во Бугарија со 9.3м/с после Мургаш со 10.3м/с. На самиот врв се наоѓа метеоролошка станица која е направена во 1935г. по прогласување на Витоша за национален парк, прв од ваков вид на Балканскиот полуостров, станицата има мала планинарска просторија каде планинарите одмараат и закрепнуват со топлата храна која ја спремат овде, па така и нашите планинари направија пауза од пола час да закрепнат и потоа ја продолжија акцијата со што следеше враќање во домот Борова Гора но од друга патека. На спуштање од Црн врв поминувајќи покрај врвот Камен Дел 1862м. планинарите неможеа да ја препуштат шансата да се искачат и на овој врв, па така следеше искачување и до него кое навистина вредеше, кога се наоѓате на самиот врв Камен Дел веднаш под вас ја гледате во панорама цела Софија, откако беше искачен врвот, продолживме по нашата патека кон хижа Борова Гора и за неколку часа пешачење пристигнавме на хижата од таму каде што ја започнавме акцијата во утринските часови, со што направивме една прекрасна кружна акција по планината Витоша со поминати 18км и совладена висинска разлика од 755м.
Откако сите ја завршија акцијата, следеше мал одмор и пакување на опремата, а потоа и враќање за Гевгелија и завршување на оваа прекрасна акција на Витоша за крај на оваа наша успешна година од планинарски аспект бидејќи акцијата на Витоша на нашиот Клуб му е 58ма акција во 2021ва година со просек на учесници од 25 на акција.
До крај на годинава планираме да реализираме уште неколку акции претежно на нашиот Кожуф со што ке ја затвориме годината со над 60 реализирани планинарски акции како од локален така и од републички и меѓународен карактер.
Погледнете ја галеријата на фотографии од акцијата на планината Витоша.