Февруарски поход — поход на Народноослободителната војска на Македонија, која во февруари 1944 година извршила оперативни дејства на територијата на источна, централна и западна Македонија.
Во втората половина на декември 1943 година и во јануари 1944 година во Мегленско, Егејска Македонија јужно од Кожуф, се наоѓала главнината на македонската војска со партиското и военото раководство. По формирањето на Втората Македонска бригада на 20ти декември 1943 година во селото Фуштани, Главниот штаб на НОВ и ПОМ формирал три борбени групи од воените единици што биле таму и им дал задача да тргнат во напад на окупаторските сили во Тиквешко, Гевгелиско и во Мариовско.
Борбените активности ги предизвикале германските и бугарските окупатори да преземат две офанзивни дејства против партизанските сили во Мегленско, кое го користеле како своја оперативна база. Во Првата офанзива, што траела од 4 до 8 јануари 1944 година, учествувале само германските војници од Солун и Воден а во Втората офанзива, покрај германски, учествувале и бугарски единици од 17 дивизија во Штип и траеле од 16 до 20 јануари 1944 година.
По завршувањето на овие офанзиви во кои партизанските сили биле победници, Главниот штаб оценил дека се создадени услови воените операции на македонските сили од Мегленско да се насочат кон централна, западна и источна Македонија. За таа цел, Главниот штаб го направил следниот план:
1. Првата борбена група, која ја сочинувала Првата Македонско – Косовска бригада требало изутрината на 31 јануари 1944 година од селото Бахово да тргне преку Мариово, Азот и Порече кон западна Македонија.
2. Втората борбена група, која ја сочинувала Втората Македонска бригада требало изутрината на 31 јануари 1944 година да тргне од селото Зборско во борбени акции во реонот на Тиквешко и Гевгелиско со задача на себе да привлече што повеќе непријателска војска за да им го олесни пробивањето на Првата и на Втората борбена група.
3. Третата борбена група, наречена Тичова група, што ја сочинувале еден македонски баталјон и бугарскиот батаљон Христо Ботев, заедно со Главниот штаб требало да тргне истиот ден, од селото Зборско преку Беласица, Плачковица и Осогово да дојде до Кумановско. Откако ја преминала реката Вардар во близина на Солун, оваа група по десетина дена пристигнала во Источна Македонија.
Така започнале борбени операции од пошироки размери на Македонската партизанска војска познати како Февруарски поход. Успешното изведување на Февруарскиот поход имало големо политичко и воено значење за развитокот на НОВ во Македонија воопшто.
Во чест на овој голем настан од нашата историја, долги години наназад Планинарски Клубови од нашата држава организираат планинарски акции. Оваа година за нашиот регион Февруарскиот Поход го организираа нашите пријатели ПСД Орле Кавадарци, а на акцијта нашиот град го претставуваше нашиот Клуб ЗПСК КОЖУФ Гевгелија со 32 члена екипа.
Планинарите од Кавадарци, Гевгелија и Росоман околу стотина на број, утрото на 27ми се собраа на стартната позиција на акцијата а тоа беше Мушов Гроб, каде Претседателот на ПСД Орле го означи стартот на акцијата и сите планинари се упатија кон Васов град и кањонот на Мрежичка река се до с.Мрежичко. Движењето се одвиваше во зимска идила со врнежи од снег како во времето на февруарскиот поход кога партизаните се движеле по овој дел од Кожуф планина.
Во село Мрежичко домаќините ПСД Орле Кавадарци сите учесници ги пречекаа во својот Планинарски Дом со ручек планинарски грав. Овде беа доделени и Благодарници за сите Клубови учесници, како и за најмлад и највозрасен учесник на годинашниот Февруарски Поход, а најмлад и највозрасен учесник беа прогласени нашите членови Филип Јованов ( 7год. ) и Милена Карагонова ( 69год. ) со ова докажавме дека во нашиот Клуб членуваат наши сограѓани од сите возрасти и сите се активни.
Со оваа акција го завршивме месец февруари. Изминативе два месеца реализиравме 9 акции, продолжуваме со активно работење и во следните месеци со планинарски акции и активности како подготовка за нашиот голем јубилеј 70 години постоење на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија.
Погледнете ја фото галеријата со прекразни фотографии од патеката.