29ти Традиционален Планинарски Марш ПЕРО ИЛИЕВСКИ 2022 / с.Ума Кожуф

Веќе 29 години нашиот Клуб ЗПСК КОЖУФ Гевгелија го организира Традиционалниот Планинарски Марш ПЕРО ИЛИЕВСКИ. Во првите години овој марш се организираше со старт од с.Ново Конско се пристигнуваше до с.Ума а потоа учесниците се враќаа на Лековитата Вода каде ги чекаше превозот, а веќе неколку години маршрутата на маршот е изменета и нејзиниот старт е од нашиот Планинарски Дом Томе Шутов – Кротки кој се наоѓа во с.Старо Конско од каде се пешачи до с.Ума а потоа планинарите акцијата ја завршуваат на Лековитата Вода. Овој меморијал се организира во чест на нашиот долгогодишен член Петар ( Перо ) Илиевски кој е роден 1930г. во Гевгелиското село Габрово, а починува во 1992г. Чичко Перо по завршување на средното училиште, се вработува во Гевгелиската пошта и тоа меѓу првите вработени и се пензионираше како поштар.
Како член на Планинарското Друштво Кожуф, има учествувано во повеќе работни акции низ цела поранешна Југославија.
Во последните денови од неговиот живот, иако беше долго време болен тој секогаш беше спремен да учествува на сите планинарски акции било на нашите македонски планини или низ планините во ЈУ просторите како и соседните држави. Тој посебно се залагаше  за најмладите како и за новите членови во Планинарското Друштво, подучувајќи ги  како да се снаоѓаат и како да се однесуваат на планина .Се истакнуваше со својата добрина и несебичност, учејќи ги најмладите како да ја засакаат планината и планинарењето, да ги чуваат и негуваат природните убавини.

Во овие 29 години организирање на маршот, само последните две години поради ситуацијата со Ковид 19 и рестриктивните мерки, маршот го организиравме само за нашите членови. Оваа година ја продолживме традицијата и како и порано беа поканети Планинарски Друштва/Клубови од нашата држава со кои нашиот Клуб соработува, беа известени и поканети и неколку наставници и професори по физичко воспитување од училиштата во нашиот град како и во Богданци, но поради актуелниот штрајк на образованието ни беше ускратена таа привилегија да учествуваат ученици на годинешниот марш.
Со години наназад учениците беа најбројни  на маршот. 

Така на 17ти април недела стартуваше маршот традиционално од ДТВ Партизан со обезбеден превоз учесниците беа транспортирани до Планинарскиот Дом Томе Шутов – Кротки каде беа почастени со чај кој претходно беше припремен од нашите вредни членки, и стартуваше акцијата со околу 100тина учесници од нашиот Клуб како и од Клубовите кои беа поканети на овој Марш а тоа се ПАОК Ентузијаст Струмица, ПСК Сосна Берово, ЗПК Серта Неготино, ПСД Орле Кавадарци и ДПС Лисец Штип. Планинарите за неполни 3 часа пристигнаа во с.Ума каде беа пречекани од мештаните, а по малиот одмор следеше мало запознавање на учесниците за Перо Илиевски, со едноминутно молчење му беше оддадена почит а потоа Претседателот и Секретарот на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија Ристо Каркалашев и Рената Тодова ги доделија Благодарниците за учество на Планинарските Клубови кои претходно ги споменавме оние кои беа уредно поканети, беа доделени и Благодарници за помагање при организирање на маршот на Месна Заедница с.Ума, Црковен Одбор на с.Ума, Здружение на Власи “Мегленија” на с.Ума, како и на Г-дин Атанас Кичуков кој веќе 29 години го помага овој марш.
По доделување на Благодарниците беа прогласени најмлад и највозрасен учесник на Маршот тоа беа Емилија Танева со 9 години и Лазар Кочев со 78 години на кои им беа доделени Признанија за учество на маршот. Да спомнеме дека овој дел од маршот со доделувањето на Благодарници и Признанија се изврши пред спомен плочата во с.Ума која годинава беше обновена од страна на нашиот клуб. Откако заврши овој дел, сите учесници се упатија кон црквата каде ги чекаше ручек организиран од  нашиот клуб, а тоа беше планинарско гравче, пржени риби и салата. По неколку часовно дружење планинарите се упатија кон местото Лековита Вода каде ги чекаше превозот со што беше завршена и акцијата.

Провери

Одиме на Врв – Родители и Деца

Одиме до врвот кој Ве освојува, со нешто Величествено Ве спојува. Нема зборови со кои …

Напишете коментар