Оваа година нашиот Клуб слави јубилеј од 70 години постоење, a по овој повод како најголема акција надвор од нашата држава решивме да биде искачување на врв Триглав во Словенија. Иако како Клуб на Триглав сме биле повеќе пати низ годините наназад, имаше интерес од нашите членови за искачување на Триглав па затоа и се решивме повторно да го организираме. Врвот Триглав се наоѓа во северозападниот дел на Република Словенија и е највисок врв на Јулиските Алпи, а неговата височина изнесува 2864м. Потеклото на неговото име сè уште не е точно утврдено. Едната верзија е дека доаѓа од името на словенскиот бог Триглав или заради тоа што гледан оддалеку врвот изгледа како со три глави. Според повеќето истражувања името доаѓа од старословенското паганско божество Триглав, чијшто идол населението го чувало на скришните места пред освојувачкиот поход на легијата на Отон Бамбершки, којшто ширејќи го римокатоличкото христијанство го уништувал секој пагански елемент. Познато е дека идолот на Триглав се чувал во Штетин. Врвот за првпат е искачен на 25 август 1778 година. Најголем интерес предизвикува неговата северна страна, карпа со 1200 метри височина и 3000 метри должина. Денес е дел и симбол на Триглавскиот Национален Парк (Триглавски народен парк).
Како што беше и предвидено, оваа акција ја реализиравме во периодот од 13ти до 17ти јули, а групата од 18 члена се формираше неколку месеци пред акцијата по што следеа подготовките. Се организираше превоз, резервации за ноќевање, кондициони тренинзи каде се искачуваа врвовите Пелистер, Титов врв, Солунска Глава и неколку врвови на Кожуф се со цел подобра кондициона спремност за искачувањето на Триглав, купување на соодветна опрема ( алпинистичка ), а потоа и технички вежби со истата.
Дојде и денот за поаѓање 13ти јули среда, за жал двајца наши членови од оправдени причини откажаа и останавме 16 члена, но ни се приклучи четири члена екипа од ЕПД Картуш Прилеп и така вкупно броевме 20 члена, патувањето до Словенија го поминавме ноќе и во Словенија поточно во Блед пристигнавме околу 13 часот каде шо имавме пауза да го разгледаме Блед а потоа се упативме кон дом Пристава кој се наоѓа над градчето Јесенице каде се сместивме. Следниот ден 15ти јули рано наутро со превозот се упативме до стартната точка на оваа наша акција а тоа беше Рудно Поле кое се наоѓа на височина од 1347м. Следеа кратки подготовки, а потоа ја стартувавме акцијата, по пешачење од 40 минути низ шума излеговме на отворено и првата пауза ја направивме на планинарската куќичка Коњшчица која се наоѓа на височина од 1438м. по паузата продолживме преку Студорски Превал до Водников Дом на Веље Поле кој се наоѓа на височина од 1817м. овде следеше втората поголема пауза. Од овде продолживме кон дом Планика кој се наоѓа на височина од 2400м. и е под самиот врв Триглав. Околу 15 часот сите бевме на Дом Планика.Поради најавата од невреме се донесе одлука да го оставиме врвот за искачување за следниот ден рано наутро.Таа наша одлука подоцна се покажа како исправна бидејќи фати невреме со дожд и грмотевици а една група на планинари кои беа затекнати горе под врвот настрада од гром и имаше повредени. Од денешната стартна точка Рудно Поле до Дом Планика ни беа потребни 5 часа ефективно искачување а поминавме должина од 12км со совладена висинска разлика од 1210м.
Наредниот ден сабота 16ти јули станавме рано наутро во 6 часот да ја видиме ситуацијата со временските услови. Надвор имаше магла а бидејки цела ноќ врнеше дожд решивме акцијата да ја стартуваме во 7-30 а со тоа да се подсушат влажните карпи. Излеговме надвор пред дом Планика сите спремни со опремата на нас ( појас, шлем и сет ферата ) кои се неопходни за безбедно искачување на Триглав, па подредени во колона ја стартувавме акцијата.
Овој дел од искачувањето на Триглав е најризичен и опасен бидејќи се искачува по карпи на кои има поставено сајли и клинови каде е потребна апсолутна концентрација и внимание при искачувањето. За среќа успеавме сите да излеземе на врвот без никаков проблем. Овде на врвот следеше пауза фотографирање за спомен па повторно враќање назад кон дом Планика. На дом Планика следеше мала пауза, препакување на ранците бидејќи овде оставивме дел од опремата па тргнавме надолу кон Водников Дом и ја завршивме акцијата на Рудно Поле од каде беше и стартот, со што овој ден поминавме 16км. Ова беше голем успех на нашиот Клуб, после неколку искачувања на Триглав низ годините наназад, за првпат 20 члена екипа искачена на врвот од кои 16 члена на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија.
Како организатор и водич на оваа акција, јас, Ристо Каркалашев им честитам на целата екипа за успешното искачување, а воедно им се заблагодарувам на Секретарот на ЗПСК КОЖУФ Гевгелија Рената Тодова која помагаше околу организацијата, и нашиот член Сашко Динев кој беше мој помошник водич и успешно си ги заврши зададените задачи. Благодарност до Општина Гевгелија и Градоначалникот Андон Сарамандов кои ни помогнаа финансиски за оваа акција, како и на ФПСМ ( Федерација за Планинарство на Северна Македонија ) која ни обезбеди попусти за ноќевања во планинарските домови во Словенија.