Нашиот Клуб ЗПСК КОЖУФ Гевгелија е формиран во далечната 1952г. од преживеани борци од НОБ, па оваа година славиме јубилеј 70 години постоење. По тој повод во текот на целата 2022 година организираме разни активности како би го одбележале овој наш голем јубилеј. Реализирани се повеќе општествени акции како еколошка акција (исчистен отпадот долж патот од с.Ново Конско до над Смрдлива вода) акција за пошумување (засадени 6.000 борчиња и багрем), и приклучување кон акцијата за пошумување на друго здружение каде засадивме уште 5.500 дрвца, крводарителска акција (собрани 50 единици крв), акција во природа ” родители и деца на Кожуф планина” со учество на над 50 учесници. Имавме и мал свечен дел во Народниот Театар во Гевгелија со изложба на фотографии од разни акции и подвизи на нашиот Планинарски Клуб низ годините како и доделување на Благодарници, Плакети и Признанија на наши заслужни членови. Предвидена беше и дводневна планинарска акција на Кожуф планина со кампување на Марково Езеро на 2000м. во шатори во месец јуни. Но поради лошите временски услови ја одложивме за 17/18 септември.
На први септември официјално беа поканети сите Планинарски Друштва/Клубови од нашата држава со кои нашиот Клуб соработува со известување дека акцијата ќе се реализира во еден ден поради ниските температури овој период од годината на 2000м. височина а знаејќи дека секој нема соодветна опрема за кампување во тие временски услови, на денот кога ја реализиравме акцијата оваа наша одлука се покажа дека е сосема исправна.
Дојде и денот за реализација на акцијата, во 7 часот наутро почнаа да се собираат пријавените учесници а тие беа од повеќе Клубови од државата и тоа, ГТК Гевгелија Точак Клуб, ПСД Фри Хајкерс Неготино, КПС Азот Велес, СРСП Убај Деца Велес, ЕПД Картуш Прилеп, Фитнес Студио Лејди Фит Прилеп, ПЕГ Турниме да кинисам Битола, ПАОК Ентузијаст Струмица и ПСК Голак Делчево, а овде беа и нашите традиционални учесници на наши поголеми акции кои ги организираме на Кожуф планина а тоа се учениците од ОУ Климент Охридски Миравци. Вкупно 150 учесници -планинари, велосипедисти, рекреативци и ученици се упативме кон стартното место Аџибарица. Кога сите учесници пристигнаа на Аџибарица се увиде дека временските услови на терен се доста лоши со јак ветер, магла и температура од само 2 степени, па се донесе одлука учениците од Миравци да се вратат со превозот долу во нашиот Планинарски Дом кој се наоѓа во село Старо Конско и таму да се направи мала планинарска акција. Оние кои имаа соодветна опрема се упатија кон врвот К92 2112м. додека ПСК Голак Делчево кои имаа 20 ученици заедно со наши членови се упатија на врв Момина Чука 1851мнв. Учесниците кои се движеа по патеката кон врв К92 пристигнаа на врвот околу 10 часот по густа магла, каде се направи мала пауза а потоа спуштање кон Марково Езеро каде беа пречекани од екипата на Точак Клуб Гевгелија кои заедно тргнаа со нас од Аџибарица. Овде на Марково Езеро следеше поголема пауза и на сите учесници се подели мала закуска и вода од нашите спонзори.
Од Марково Езеро според планот требаше да се упатиме кон врв Момина Чука но поради лошите временски услови во координација со Претседателите и водичите на останатите Клубови се донесе одлука да се спуштиме назад на Аџибарица каде не чекаше превозот. Откако акциите завршија сите учесници се упатија во нашиот Планинарски Дом каде следеше заедничка дружба и ручек приготвен од нашиот Клуб како организатор на оваа акција. На оваа наша планинарска акција секој учесник над 18г. плаќаше котизација со што добиваше пакетче со маица на која е отпечатено логото 70г. ЗПСК КОЖУФ, флаер со мал историјат на Клубот, налепница и енергетски бар, додека сите млади учесници под 18 год. добија бесплатни пакетчиња од нашиот клуб. Одбележувањето на овој наш јубилеј доби и хуманитарен карактер така што собраните средства (14.000ден.) од котизација како и поставената кутија во домот за донации ќе се донираат на младата наша сограѓанка Емилија со цел да се помогне во изнајдување на дијагноза за нејзиниот здравствен проблем.
ЗПСК Кожуф е секогаш со младите, и се залага за нивно активно вклучување во природата и запознавање со планинарството. Имаме соработка со сите основни и средни училишта и на секоја наша поголема акција која ја организираме на Кожуф планина ги покануваме и спонзорираме во дел на превоз и храна,со цел да ги мотивираме што помасовно да излегуваат во природа.
На оваа наша акција како и секогаш беа доделени и Признанија за учество на најмладите учесници, а тоа беа Благоја Љатев, Кристијан Старделев , Хана Малевска, Лара Џишева, Ѓорги Костадинов, Јован Мандалов, Ангел Карајков, Димитар Дуков (КПС АЗОТ Велес).
Највозрасен учесник беше нашата долгогодишна членка Милена Карагонова.
Доделени беа Благодарници за учество на акцијата на сите Клубови учесници како и на еден од нашите генерални спонзори Екстрем.мк Велес.
ЗПСК КОЖУФ Гевгелија, им се заблагодарува на сите учесници на планинарската акција по повод 70 годишниот јубилеј, Благодарност и до своите членови кои дадоа свој придонес за нејзина реализација како и на генералните спонзори: Општина Гевгелија, ФПСМ, Екстрем Велес, Итек системс, NG Bouwen met natuursteen Holland, Контихидропласт Гевгелија.
Како и на останатите помагатели: Алфабет печатница Гевгелија, Тобако Итар Пејо Гевгелија, Биг Миџо продавница Стојаково, Иван и Бети Ристов Гевгелија, Ле-Ни тобако Гевгелија, Пајдаков ДОО Гевгелија, Булевар Тобако Гевгелија, Аполонија Фондација, Бајк Центер Гевгелија, Spider-Net Gevgelija, бутик Годи ДОО Макали Гевгелија, Добра Работа Гевгелија, Жито Пром Гевгелија, Моделс Гевгелија, г-дин Christiano Rijnders, Риго Импекс Гевгелија, Випро Гевгелија, ММ Пекара Богданци, Алу Глас Гевгелија, ТВ НОВА Гевгелија, Баџо Богданци, ТП КА-ТА Богородица, сендвичара АПНИ СИ Гевгелија, Турист М Гевгелија, Рина Ком Гевгелија.
Галерија со фотографии од планинарската акција по повод 70г. ЗПСК КОЖУФ Гевгелија.