Недела, 21.05.2023 година, живописниот Кожуф иако дожделив и ветровит , ни овозможи да го реализираме 5-от Меморијален марш во чест на ,, Др. Ѓорги Петков”. Учествуваа повеќе планинарски друштва, кои не се уплашија од лошите временски услови, успешно се искачија на врвот Мала Рупа на 2004 мнв и поминати 17 км.На денешен ден пред пет години, престана да чука срцето на вљубеникот во височините и ценетиот инфектолог, Ѓорги Петков, на височина од 7.200 метри, и на чекор од остварувањето на неговиот сон, да се искачи на „покривот на светот„, Монт Еверест.
Пред пет години целата гевгелиска јавност го очекуваше неговото враќање, да ни ги раскаже неговите импресии од експедицијата, и да се врати повторно на своето работно место во Општата болница. За жал, не го дочекавме.
Често велеше: “Мојата реалност се планините, шумите и природата. Се чувствувам како да живеам во некој вид паралелен универзум, илузија, за време на работната недела и потоа за викендот, на планината го наоѓам моето вистинско јас, без разлика дали сум сам или во друштво”.
Еден алпинист еднаш рекол: “Целта не е важна, патот е важен.” А на тој пат што што те водеше кон Монт Еверест, ти, Георге, веројатно го најде конечно своето прочистување.Нека ти е вечна слава, докторе.