Одиме до врвот кој Ве освојува, со нешто Величествено Ве спојува. Нема зборови со кои може да се опише, сето тоа што на врвот може да се доживее. Бескрајни пејсажи и видици, неописливи чувства и предизвици!
Вчерашниот ден родители и деца го искористија за уживање во богатството на падините и височините на нашиот Кожуф кој не дочека со шаренило од бои: црвена, жолта, зелена – вистинска есенска идила. Тие беа сведоци на прекрасните пејсажи и видици кои им ги пружи врвот Чичи каја (1767 мнв). За многумина од родителите и децата ова беше првиот искачен врв, а нѐ имаше од 3 до 73 години.
Дружбата продолжи во планинарскиот дом “Томе Шутов – Кротки”, каде после заедничкиот ручек (планинарско гравче), следуваа забавни игри и активности прилагодени за различни детски возрасти. За целата оваа авантура се погрижија планинарите од З.П.С.К Кожуф, кои несебично се вложија да им приредат уште подобро уживање, а сѐ со цел создавање на здрави навики кај најмладата популација.
Фотографиите зборуваат за ова несекојдневно доживување кое заврши со прашањето: КОГА ПОВТОРНО НА ВРВ???