ЗДРУЖЕНИЕ
ПЛАНИНАРСКИ СПОРТСКИ КЛУБ ’’Кожуф’’ Гевгелија
С Т А Т У Т
/ П Р Е Ч И С Т Е Н Т Е К С T/
НА ЗДРУЖЕНИЕТО
ПЛАНИНАРСКИ СПОРТСКИ КЛУБ ’’Кожуф’’ Гевгелија
Mарт 2018г.
Гевгелија
Врз основа на член 18 од Законот за здруженија и фондации (,,Службен весник на РМ,, бр.52/2010) и врз основа на одредбите од Закон за спортот (,,Службен весник на РМ,, бр.29/02, 66/04, 81/08, 18/11 и 51/11, 64/12, 148/13, 187/13, 42/14, 138/14, 177/14,72/15, 153/15, 6/16 и 190/16), Собранието на Здружението Планинарски спортски клуб ’’Кожуф’’ Гевгелија, на седницата одржана на ден 12.03.2018 година, донесе
С Т А Т У Т
НА ЗДРУЖЕНИЕТО ПЛАНИНАРСКИ СПОРТСКИ КЛУБ
’’Кожуф’’ Гевгелија
- ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Здружението Планинарски спортски клуб ’’Кожуф’’ Гевгелија е здружение на граѓани, формирано со слободно здружување на граѓаните, заради остварување и усогласување на своите заеднички цели и интереси и заради вршење на активности во областа на планинарството.
Член 2
Здружението Планинарски спортски клуб ’’Кожуф’’ Гевгелија ( во понатамошниот текст: Клубот) Клубот е дел од Федерацијата на планинарските спортови на Македонија.
Член 3
Клубот како здружение на граѓани своите цели и задачи ќе ги остварува во согласност со Уставот на Република Македонија, законот за здруженија и фондации, законот за спорт и другите закони и овој статут.
Член 4
Клубот е со следното име: Здружение Планинарски спортски клуб ’’Кожуф’’ Гевгелија. Скратената ознака на името на Клубот е ЗПСК ’’Кожуф’’Гевгелија.
Член 5
Клубот има својство на правно лице.
Член 6
Седиштето на Клубот е во Гевгелија, Клубот се организира и делува на подрачјето на цела Македонија и надвор од неа.
Член 7
Клубот има свој амблем кој е во коцкаста форма на чиј долен дел наместо агли има заоблен дел.. Во внатрешниот дел од коцката има круг од кои излегуваат две коси линии,и формираат уште еден круг а на нивниот раб стои името на здружението Планинарски Спортски Клуб КОЖУФ Гевгелија,додека во средината од кругот се наоѓа симболот на планинарството цвет од Еделвајс.Амблемот е во темно плава боја.
Член 8
Знамето на Клубот е светло плаво, на чија средина се наоѓа знакот-амблемот на Клубот. Формата на знамето е правоаголна во димензии два спрема еден.
Член 9
Клубот има свој печат и штембил.
Печатот на Клубот е тркалезен со следниот текст:
Здружение Планинарски спортски клуб ’’Кожуф’’Гевгелија. Во средината е амблемот на друшвото без текст.
Штембилот на Клубот е правоаголен и на него е испишан следниот текст: Здружение Планинарски спортски клуб ’Кожуф’’ број на деловоден протокол, датум и Гевгелија.
- ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ
Член 10
Цели на Клубот се:
да ја развива и унапредува физичката култура, а особено планинарството како посебна форма на масовна физичка култура;
да собира што поголем број на граѓани и истите да ги обучува со планинарски знаења и вештини и да создава кај нив навики слободното време да го поминуваат во природа, особено во планина бидеќи планинарството е форма на активен одмор и рекреација преку кој се гради и формира здрав, силен и благороден член на нашата заедница;
да ги подржува и учествува во акциите со кои се одбележуваат настани од нашето историско минато ;
кај своите членови да развива особини на издржливост, снаодливост, скромност, другарство и самоиницијатива;
да ги чува природните убавини и другите природни богатства на планината од оштетување и уништување;
да создава услови за престој во природа, а особено во планина и во духот на човековата солидарност и пријателство преку сродни здруженија да работи на запознавање и зближување со другите народи во светот и на хуманизација на меѓучовечките односи.
Член 11
Клубот своите цели ги остварува преку:
организирање акции како што се: излети, походи, маршеви, слетови, логорувања, ориентациони натпревари и посебни видови на стручно оспособување како што се: семинари, курсеви и училишта, одбележување и одржување на планинарските патеки и објекти и други активности во природата и планините;
информирање за природните убавини и животот на планините преку изложби, репортажи, натписи во печатот, предавања и други средства за информирање;
соработка со државните органи, здруженија и други институции , училишта и факултетите во Гевгелија;
соработка со другите сродни здруженија на граѓани и сојузи, АРМ и органите на безбедноста во извршувањето на задачите од заеднички интерес;
негување на традициите на историското минато и одбележување и чување на историските споменици;
водење и грижа и учество во акциите за заштита на животната средина, природата и спомениците на културата; и
помагање на развитокот и унапредување на планинарството на град Гевгелија и Републиката.
Член 12
Програмата за работа на Клубот е едногодишна.
За акциите во текот на годината што Клубот ги организира или во кои учествува донесува,,Календар на акции“.
Члeн 13
Работата на Клубот е јавна.
Јавноста во работењето се обезбедува со јавно објавување на статутот и другите акти на клубот, редовно известување на членовите на Клубот за сите облици на работење, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештај за работа на органите и телата на Клубот, за материјално-финансиско работење и друго.
За информирањето на членовите и пошироката јавност се користи печатот, радиото, телевизијата као и списанието за планинарството и билтенот на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Информациите до јавните гласила ги доставува Претседателот на Клубот или член на Извршниот одбор на Клубот.
Член 14
За разгледување и решавање на прашања од заеднички интерес, Клубот може да формира заеднички органи или тела со други здруженија и сојузи.
Член 15
Клубот може да има свои ограноци и секции.
Член 16
Клубот може да се зачлени во сојуз-федерација или друга организација врз основа на одлука што ја донесува Собранието на Клубот.
Член 17
Заради меѓусебно договарање и известување, размена на сознанија и искуства организирање на заеднички акции, усогласување на активностите или укажување на помош во работата, Клубот воспоставува и гради односи и со други планинарски здруженија и сојузи од Републиката и надвор од неа.
Член 18
Клубот може да формира планинарска школа согласно член 2 и 3 од Законот за измени и дополнувања на Законот за спорт (Сл. весник на РМ бр 66/2004) за запознавање со основите во планинарството.
- ЧЛЕНСТВО
Член 19
Член на Клубот може да биде секој граѓанин државјанин на Република Македонија, кој доброволно пристапил кон Клубот и кој го прифаќа неговиот Статут и целите од истиот.
Член на клубот може да биде и странец под услови согласно со закон.
Член 20
Клубот ја гарантира анонимноста на личните податоци на членовите на Клубот кои тоа го побарале.
Податоците за членовите на клубот се заштитени во согласност со прописите за заштита на личните податоци и класифицирани информации.
Член 21
Зачленувањето во Клубот се врши со пристапница и издавање на членска книшка која при исклучување или престанок на членувањето во Клубот задолжително се враќа.
Малолетни лица со наполнети 14 години како и лица со ограничена деловна способност или лицата на кои им е одземена деловната способност можат да се зачленуваат во клубот согласно одредбите на член 19 од Законот за здруженија и фондации.
Клубот за своите членови води регистар на членството, кој се ажурира на две години.
Секој член може доброволно да истапи од Клубот.
Член 22
Членовите на Клубот може да бидат редовни и почесни. Редовни членови се оние кои имаат платено членарина. Редовни членови според својата воздраст се делат на:
подмладок до 14 години живот;
младинци од 14 до 27 години живот;
возрасни над 27 години живот.
За членување на малолетни лица во Клубот, писмена согласност дава родител, односно старателот.
Член 23
Почесен член на Клубот може да биде државјанин на Република Македонија или странец кој има посебни заслуги за развојот, унапредувањето на работењето и афирмацијата на Клубот.
Почесните членови не можат да бираат и да бидат бирани во органите на Клубот, ниту да учествуваат во донесувањето на одлуките.
Одлуката за прогласување на почесен член на Клубот донесува Собранието на Клубот.
Член 24
Висината на чланарината во Клубот се определува со посебна одлука на годишното Собрание на Клубот.
Член 25
Членовите на друштвото имаат право:
активно да учествуваат во работата на Клубот, да предлагаат и донесуваат одлуки;
да бираат и да бидат избрани во сите органи на Клубот и пошироко во рамкиите на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и други здруженија и сојузи во кои членува Клубот;
да учествуваат во сите акции и манифестации на Клубот, според можностите;
да ги уживаат сите права и погодности кои произлегуваат од членувањето во Клубот;
да бидат навремено, потполно и објективно информирани за работата на Клубот.
Член 26
Обврски на членовите на Клубот се:
да се придружуваат кон Статутот на Клубот, другите акти на неговите органи и помошни тела и Статутот на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија;
да ги остваруваат целите на Клубот, совесно и одговорно да ги извршуваат договорените задачи;
да го чуваат угледот на Клубот;
активно да работат во Клубот, а според своите можности и да учествуваат во акциите што тоа ги организира или во кои учествува Клубот;
редовно да плаќаат членарина;
да се грижат за планинарските објекти, да ја помагаат нивната изградба и да се придржуваат кон куќниот ред во планинарските домови и други објекти од тој вид ; и
да се грижат за зачувувањето на природните убавини и други природни богатства во планините.
Член 27
Членовите на Клубот одговараат за:
несовесно извршување на должностите на кои се избрани;
неизвршување или несовесно извршување на задачите кои им се доверени;
негативни постапки и однесувања во Клубот и надвор од него;
неправилно ракување или користење на опремата, инвентарот и другите средства на Клубот; и
нанесената материјална штета на опремата, инвентарот и другите средства на Клубот.
Член 28
Членството во Клубот престанува:
со испишување;
со бришење поради неизвршување на обврските од член 26 на овој Статут;
со исклучување од Клубот, со одлука на Дисциплинска комисија.
Член кој две години едно по друго не ја платил членарината се брише од членство во Клубот.
Одлуката за исклучување се доставува до Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Исклучениот член може повторно да се зачлени откако ќе му истекне изречената мерка.
- ОРГАНИ НА КЛУБОТ
Член 29
Органи на Клубот се:
Собрание,
Извршен одбор,
Надзорен одбор,
Претседател,
– Секретар.
– Благајник
а) Собрание
Член 30
Собранието е највисоко тело на Клубот и него го сочинуваат сите членови на Клубот.
Собранието работи на седници.
Собранието се свикува на седница по потреба, а најмалку еднаш годишно.
Собранието избира претседател на собранието, со мандат од 4 години.
Член 31
Собранието ги има следните надлежности:
го донесува, менува и дополнува Статутот и други акти на Клубот.
дава ориентациони насоки за работа на Клубот,
ги донесува плановите за развој и работа на Клубот,
го донесува ,,Календарот на акции,, на Клубот,
усвојува годишен извештај за работа и финансиски извештај, завршна сметка, финансиски план и ги објавува на својата веб страница
донесува правилници и други акти на Клубот,
одлучува за престанок на Клубот со 2/3 мнозинство гласови од сите членови на клубот,
одлучува за основање и укинување на ограноци на Клубот,
ја следи материјално-финансиската состојба на Клубот помеѓу две собранија,
одлучува за статусни измени на клубот и за зачленување во сродни сојузи,
одлучува за задолжување на Клубот
врши избор на претставници на Клубот во Собранието на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и други здруженија и сојузи,
бира Благајник на Клубот,
врши избор и го објавува новиот и разрешува стариот состав на Извршниот одбор,
ги избира членовите на Надзорниот одбор,
ги разгледува и усвојува извештаите за работа на Извршниот одбор помеѓу две собранија,
констатира прием на нови членови и престанок на членувањето во Клубот,
одлучува за збратимување на Клубот со други сродни клубови во Републиката и странство,
врши и други работи што му се ставени во надлежност со закон, овој Статут и други акти на Клубот.
Член 32
Седница на Собранието свикува претседателот на Собранието.
Вонредна седница на Собранието може да биде свикана на барање од повеќето од една третина од членовите на клубот, Извршниот одбор и Надзорниот одбор.
Ако претседателот на Собранието во рок од 14 (четиринаесет) дена од денот на дадениот предлог не свика седница, седницата ја свикува Извршниот одбор, Надзорниот одбор или иницијаторите.
Начинот на свикување на седницата се определува со деловник за работа на Собранието.
Член 33
Одлуката за свикување на седница на Собранието и предлогот на дневниот ред се објавуваат најмалку 5 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.
Собранието може да работи и полноважно да одлучува ако на истото присуствуваат повеќе од половината од вкупниот број на членовите кои ја платиле членарината на Клубот за тековната година.
Ако во закажаното време на седницата на Собранието не присуствува потребниот број на членови на Клубот, седницата се одлага за еден час.
По истекот на времето од став 3 на овој член седницата на Собранието се одржува независно од бројот на присутните членови на Клубот.
На седницата на Собранието слободен пристап има секој граѓанин со право на дискусија, ако му биде одобрена, но без право на глас и одлучување.
Член 34
Членовите на Извршниот одбор и Надзорниот одбор учествуваат во работата на Собранието без право на глас за извештаите кои ги поднеле до Собранието.
Член 35
Собранието од редовите на своите членови на редовни или вонредни собранија избира Извршен одбор кој е извршен орган на Собранието.
Член 36
Собранието одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови.
Член 37
На Собранието се одлучува со јавно гласање. Секој член на Собранието има право на еден глас.
б) Извршен одбор
Член 38
Извршниот одбор на Клубот е извршен орган на Собранието во кој секој член има еднакви права, обврски и одговорности за работењето и развојот на Клубот во согласност со Статутот.
Член 39
Претседателот на Собранието од добиените предлози за членови на Извршниот одбор подготвува листа на кандидати која ја поднесува на Собранието кое ги избира. На листата на кандидати треба да има по двајца за секое едно место.
Собранието изборот на членови на Извршниот одбор го врши со тајно гласање. За избран се смета оној кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број членови.
Доколку кандидатите добиле ист број на гласови, гласањето се повторува само за тие кандидати.
Член 40
Извршниот одбор на Клубот брои 9 члена.
Мандатот на членовите на Извршниот одбор трае 4 години, со можност за повторен избор.
Извршниот одбор од своите редови избира претседател со мандат од 4 години, со можност за повторен избор.
Претседателот на Извршниот одбор истовремено е и претседател на Клубот и тој го претставува и застапува Клубот.
Лице за претседател, може да биде избрано најмногу два мандати последователно и истото може повторно да биде избрано по истекот на временскиот период од најмалку еден полн мандат.
Член 41
Извршниот одбор ги има следните надлежности:
врши распределба на финансиските средства,
ги подготвува и свикува седниците на Собранието,
предлага донесување, изменување и дополнување на Статутот и другите акти на Клубот што ги донесува Собранието и ги изготвува нивните нацрти,
изготвува предлог на ,,Календарот на акции,, на Клубот и се грижи за негово извршување,
ги спроведува одлуките и другите акти донесени од собранието,
формира повремени помошни тела, ги именува нивните членови и врши контрола врз нивната работа,
ги усвојува плановите за работа на помошните тела,
избира домаќин на Клубот, врши контрола врз нивната работа,
избира од своите редови Секретар на Клубот
предлага финансиски план и завршна сметка;
управува и одговара за управувањето со имотот на Клубот;
ја утврдува висината на надоместокот за користење на опремата, инвентарот и другите средства на Клубот од неговите членови;
обезбедува правилно водење на стручните, финансиско-материјалните и административно-техничките работи на Клубот;
решава по жалбите против одлуките на Дисциплинаската комисија;
подготвува годишен и периодичен извештај за својата работа и ги доставува до Собранието;
донесува одлуки за формирање на постојани и повремени комисии;
организира и активно учествува во организирањето на разни акции и манифестации;
донесува одлуки за награди, пофалници и признанија;
донесува одлику за набавки и отуѓување на осноvните средства;
донесува одлуки по приговори и жалби;
врши и други работи што се од интерес за успешна работа на Клубот.
Член 42
Извршниот одбор за својата работа е одговорен пред Собранието на Клубот.
Извршниот одбор се состанува и одржува седници по потреба. Седницата на Извршниот одбор ја свикува Претседателот.
Предлог за свикување на седница на Извршниот одбор може да поднесе една половина од членовите на Извршниот одбор , една третина од
претставниците во собранието, по предлог на Надзорниот одбор и секретарот на Клубот.
Со седницата раководи и претседава Претседателот, а во негово отсуство член кој ќе го избере Извршниот одбор .
Доколку има итнос за донесување на одлука, согласно член 3 точка 11 ОДЛУЧУВАЊЕ БЕЗ ПРИСУСТВО од Законот за здруженија и фондации, начин преку кој членовите на ИО може да се изјаснат и донесат валидна одлука без одржување на седница, е преку телефонска конференција и електронска пошта, а Одлуката мора на првата редовна седница на Извршниот одбор истата да ја верификуваат.
в) Надзорен одбор
Член 43
Заради извршување на статутарните и програмските задачи и одлуки на Собранието и Извршниот одбор, Собранието избира Надзорен одбор и други работни тела.
Надзорниот одбор врши контрола над спроведувањето на одредбите на овој Статут и контрола за наменското располагање со средствата и приходите на Клубот.
Своите наводи и одлуки Надзорниот одбор ги доставува до Собранието и Извршниот одбор на Клубот.
Член 44
Надзорниот одбор се состои од три члена и два заменика, кои ги избира Собранието за време од 4 години со право на повторен избор.
Членовите на Надзорниот одбор избираат свој претседател за време на траење на мандатот.
Надзорниот одбор:
се грижи за спроведување на Статутот и другите акти,
врши надзор над спроведувањето на насоките, одлуките и решенијата на Собранието;
Органите на Клубот се должни да обезбедат непречен пристап на членовите на Надзорниот одбор до сите документи и други податоци во врска со користењето на средствата и приходите на Клубот.
Надзорниот одбор се состанува најмалку еднаш годишно.
Претседателот на Надзорниот одбор присуствува на седниците на Извршниот одбор , без право на глас.
Надзорниот одбор може да побара од Извршниот одбор да свика седница на Собранието по прашање од извршениот надзор – контрола над материјалното и финансиското работење во Клубот.
Надзорниот одбор за сите превземени, реализирани или нереализирани работи го информира Собранието и пред него одговара.
Член 45
Постојани помошни тела на Клубот се:
Комисија за акции и други планинарски манифестации;
Комисија за маркетинг и информирање;
Комисија за материјално – финансиско работење;
Дисциплинска комисија.
……………………………
Комисиите од став 1 алинеи 1,2 и 3 на овој член изготвуваат свој план за работа.
Член 46
Дисциплинската комисија е составена од три члена, со мандат од 4 години.
Членовите на Дисциплинската комисија избираат свој претседател за време на траење на мандатот.
Дисциплинската комисија утврдува и решава за:
неизвршување или неправилно извршување на определените задачи на членовите на Клубот;
негативните постапки и однесување на членовите на Клубот и надвор од него;
неправилно ракување и користење на опремата, инвентарот и другите средства на Клубот од одделни членови;
нанесената материјална штета на Клубот од неговите членови.
Начинот на работата на Дисциплинската комисија се утврдува со посебен акт.
Дисциплинската комисија му предлага на Собранието поименично да ги утврди лицата кои две години едно по друго не ја платиле чланарината на Клубот.
Дисциплинската комисија на крајот на секоја календарска година поднесува извештај за својата работа пред Собранието.
Г) Претседател
Член 47
Во правниот промет и спрема трети лица Клубот го застапува и претставува неговиот Претседател.
Претседателот се избира за време од 4 години со право на повторен избор.
Претседателот на Клубот едновремено е и Претседател на Извршниот одбор.
Претседателот е најодговорен за спроведување на одредбите од Статутот. За одредени одлуки на Извршниот одбор кои не се во согласност со Статутот, Претседателот има право на вето врз нивното извршување.
Член 48
Претседателот:
го претставува и застапува Клубот;
го свикува Извршниот одбор и раководи со неговата работа;
се грижи за работата на Клубот;
ги потпишува актите и одлуките што ги донесува Собранието;
врши други работи што ќе му бидат ставени во надлежност.
Во случај на отсутност или спреченост, Претседателот го заменува член на Извршниот одбор што ќе го определат присутните членови.
Ако не може да се определи член што ќе го замени Претседателот, него го заменува најстариот по возраст член на Извршниот одбор .
Претседателот за сите превземени, реализирани или нереализирани работи го информира Извршниот одбор и пред него одговара.
д) Секретар
Член 49
Секретарот е одговорен за административно-техничките и оперативните работи на Клубот и за кореспонденцијата со трети лица.
Секретарот за сите превземени, реализирани или нереализирани работи ги информира Претседателот и Извршниот одбор и пред нив одговара.
Мандатот на Секретарот е 4 години со право на повторен избор.
Член 50
Секретарот:
ги води записниците од состаноците на Клубот;
ги изготвува одлуките на органите на Клубот;
одговара на актите примени во Клубот;
ја води евиденцијата на членовите на Клубот;
заедно со Претседателот ги подготвува состаноците на органите на Клубот;
ја води и чува Архивата на Клубот;
врши други работи што ќе му ги определи Претседателот на Клубот.
Член 51
Благајник :
Благајникот присуствува на седниците на Извршниот одбор и учествува во расправата за финансиски и други административно-технички прашања, без право на глас.
Сите трошоци што ќе ги реализира благајникот треба да бидат претходно одобрени и потпишани од Претседателот или Секретарот.
Благајникот на Клубот:
ја собира членарината на Клубот;
го води целокупното благајничко работење на Клубот;
врши други работи што ќе му ги определи Претседателот на Клубот.
На крајот на секоја календарска година Благајникот изготвува и поднесува извештај за својата работа до Извршниот одбор и Собранието, кој претходно е одобрен од Претседателот или Секретарот.
Член 52
Домаќинот на Клубот:
води евиденција за опремата, инвентарот и другите средства на Клубот;
ја издава опремата, инвентарот и другите средства на Клубот на користење на неговите членови и се грижи за нивно враќање;
води грижа за состојбата и употребната вредност на опремата, инвентарот и другите средства на Клубот;
предлага мерки за одржување и зголемување на вредноста на опремата, инвентарот и другите средства на Клубот, како и на планинарските објекти со кои управува Клубот;
врши и други работи што ќе му ги определи Претседателот на Клубот.
- ФИНАНСИРАЊЕ И МАТЕРИЈАЛНИ СРЕДСТВА НА КЛУБОТ
Член 53
Извори на финансиски средства на Клубот се:
средства од членарина на членството;
средства од приходи на планинарски објекти со кои управува Клубот;
средства од Буџетот на Република Македонија и Буџетот на Град Гевгелија;
подароци и донации од физички и правни лица.
Член 54
Имотот на Клубот го сочинуваат:
опремата;
инвентарот и
останати парични средства.
Член 55
Користењето и располагањето со средствата на Клубот се врши на начин утврден со закон и овој Статут.
Член 56
За користењето и располагањето со средствата одлучуваат органите на Клубот согласно надлежностите утврдени со овој Статут, кои преземаат мерки за економско целесообразно користење на средствата и за спречување и отстранување на незаконитостите.
Член 57
Надзорниот одбор врши контрола над спроведувањето на одредбите на овој Статут и контрола за наменското користење и располагање со средствата и приходите на Клубот.
Член 58
Клубот донесува годишен финансиски план за приходи и расходи со кој се утврдуваат:
Приходи:
од членарина;
од донации;
од буџет;
од трговски друштва и од други извори на средства.
Расходи:
за активности на Клубот по Календарот на акции;
за материјални трошоци за работа на Клубот;
за наменски потреби.
Член 59
Средствата добиени по основ на надомест на штета за изгорени, оштетени или отуѓени средства на Клубот можат да се користат исклучиво за изградба, обнова или набавка на исти такви средства.
Член 60
Начинот на користење на планинарски објекти, со кои управува и ги одржува Клубот се уредува со посебен акт.
- ПРЕСТАНОК НА КЛУБОТ
Член 61
Клубот престанува со работа:
со одлука на Собранието донесена со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Клубот;
ако бројот на членови се намали под бројот определен за основање;
и во други случаи определени со закон.
7.ПОСТАПУВАЊЕ СО ИМОТОТ ВО СЛУЧАЈ НА ПРЕСТАНОК НА КЛУБОТ
Член 62
Во случај на престанок со работа на Клубот, целокупниот имот се пренесува на располагање на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
8.ПОФАЛБИ, ПРИЗНАНИЈА И НАГРАДИ
Член 63
На поедини членови на Клубот или негови ограноци, секции, за пројавената активност и постигнатите успеси во работата може да им биде оддадено признание или да бидат пофалени или наградени.
Признание може да биде оддадено, односно доделена пофалница или награда и на граѓани кои не се членови на Клубот, како и на други здруженија или сојузи кои придонеле за успешна работа и афирмација на Клубот.
Предлог за оддавање на признание или доделување на пофалница или награда поднесува Извршниот одбор , а одлука за тоа донесува Собранието на Клубот.
- ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 64
Право на толкување на одредбите на овој Статут има Собранието на Клубот, а помеѓу две собранија, Извршниот одбор на Клубот.
Член 65
Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка како и за негово донесување.
Член 66
Овој Статут влегува во сила со денот на неговото донесување.
Здружение Планинарски Спортски Клуб КОЖУФ Гевгелија
Претседател
Ристо Каркалашев
Гевгелија 12.03.2018 год. _________________________________________